Авторски права и образование на далечина

Импликации од законите за авторски права во САД врз подучувањето во далечна образовна околина

Цели на курсот :

Конкретни цели кои треба да се постигнат по завршувањето на темата:

  • Да се прави разлика помеѓу митовите и фактите поврзани со копирањето на апликации во образованието на далечина.
  • Да се препознаат ексклузивните права доделени на носителите на авторски права, според законите на УСА.
  • Да се одредува кога материјалите за копирање влегуваат во јавен домен.
  • Да се применат четирите основни критериуми за фер употреба и објавените упатства за одредување дали користењето на материјалите со авторски бараат дозвола од носителите на правата.
  • Да се идентификува и следи статусот на тековната легислатива во Конгресот, и да се биде свесен за импликациите од нова легислатива.
  • Да се одреди дали материјалите за учење можат да бидат користени во видео-базирано образование на далечина без дозвола или авторизација од носителот на правото.
  • Да се препознае кои материјали можат да бидат поставени на Интернет без дозвола.
  • Да се препознаат околностите под кои Интернет материјали копирани од други можат да се препраќаат, превземаат и печатат.
  • Да се следат соодветни процедури за добивање на дозвола од носителите на правата, за користење на материјалите во курсеви на далечина.
  • Да се олесни развојот на ефективна политика за права на интелектуална сопственост.
  • Да се препознаат потенцијалните последици од прекршување на авторските права.

Митови за авторските права

Најчести митови...

       Мит 1. Делото треба да биде објавено и регистрирано во Канцеларијата за авторски права на УСА (U.S. Copyright Office) за да добие заштита на своите авторски права. Секое дело, објавено или необјавено, кое ги исполнува критериумите специфицирани во законот за авторски права, добива заштита веднаш штом се постави на некој медиум. На пример, документ од текст процесор,  слајд, дигитална слика и сл.,  се заштитени веднаш штом се зачуваат на диск или се отпечатат. Регистрирањето на делото во кацеларијата е опција, но не е задолжително. Како и да е, делото мора да биде регистрирано во случај да тужителот побара законска оштета за прекршување на неговото право.

       Мит 2. Ако нема известување за авторски права, делото е во јавен домен. Во март 1989 година УСА ја усвоила Конвенцијата од Берн според која не се бара да постои известување во делото за тоа да има заштита. Ако известувањето го има, тоа може да го вклучува симболот © или зборот copyright.

       Мит 3. Сè на Интернет е јавен домен. Оригиналните дела поставени на интернет се заштитени исто како и сите други дела кои ги исполнуваат криетериумите на законот.  Сепак, Интернет овозможува прекршување на авторските права на глобално ниво.

       Мит 4. Дело заштитено со авторски права во друга земја е јавен домен во УСА. Ова често се користи кога инструкторите од УСА користат видео ленти или публикации од други земји во образовни курсеви на далечина. Меѓутоа, согласно Конвенцијата од Берн, правата важат во сите земји потписнички на конвенцијата.

       Мит 5. Доктрината “фер употреба” значи дека материјалите со авторски права можат да бидат користени во образованието без дозвола. Образованието е една од областите каде може да се примени фер употреба, но фер употребата може да биде потврдена само со анализа на комплексни критериуми.

       Мит 6. Секој материјал со авторски права може да биде дигитализиран и поставен на веб сајт на курс без дозвола, се додека сајтот е заштитен со лозинка. Последната легислатива го проширила обемот на материјали кои можат да бидат дигитализирани и поставени на веб сајт на курс заштитен со лозинка, но фер употребата сеуште се применува.

Основи на авторските права

Основи на авторските права во САД

      Првата легислатива во САД била донесена во 1790 година и оттогаш претрпела повеќе ревизии. Според законот: “заштитата на авторски права постои во оригиналните авторски дела фиксирани на материјален медиум на изразување, непознати или подоцна развиени, од кој тие може да се гледаат, репродуцираат или на друг начин комуницираат, директно или со помош на машина или уред”.

      Тука се присутни два критични услови според кои делото е подобно за заштита. Прво, авторското дело како материјален израз на идеи, оригиналност и одреден степен на креативност. Како авторски дела во образовен курс на далечина можат да се вклучат забелешки од предавањата на инструкторот, меил пораки, графички слики на веб страната од курсот, видео ленти и слајдови со фотографии,  презентирани графици, литература прочитана на глас, снимања на звук, печатени материјали за учење на студентите, и индивидуални или заеднички дела креирани од самите студенти. Заштитата на авторските права не постои за факти, наслови, имиња, фамилијарни симболи, стандардни форми, процедури, и дела кои се состојат од заедничка сопственост, иако некои ставки од овие категории можат да бидат подобни за патент или заштита на трговска марка.

      Второ, делото мора да биде фиксирано на материјален медиум за изразување што е очигледно затоа што согласно терминологијата во законот тоа може да се гледа, репродуцира, или на друг начин комуницира.  Авторските права не можат да се применат на коментари или дискусии во училницата, освен ако тие не се снимени или на друг начин запишани. Како и да е, секоја оригинална содржина во меил порака, чат сесија, блог, вики објава или друг онлајн форум работен простор ги исполнува условите за заштита на авторските права. Самите курсеви се подобни за заштита на авторските права ако се снимени на лента или понудени онлајн на Интернет, и содржат оригинална содржина, вклучувајќи лиценцирана содржина. Тоа ги вклучува и курсевите кои се испорачуваат во живо преку Интернет и се архивираат на серверот.

Ексклузивни права на носителите на авторски права

      Законот им доделува на сопствениците или на други субјекти кои тие ќе ги авторизираат,  ексклузивни права за:

  •      Репродуцирање на заштитеното дело
  •      Правење на деривати базирани на оригиналното заштитено дело
  •      Дистрибуирање на копии од заштитеното дело
  •      Извршување на заштитеното дело
  •      Јавно прикажување на заштитеното дело

    За среќа, под одредени околности, користењето на заштитени материјали може да биде прифатливо без дозвола од носителот на правото. За едукаторите на далечина важни се делот од законот за “фер употреба” и делот за јавно изведување и прикажување.

Фер употреба

      Според законот, “фер употреба на делото заштитено со авторски права ... за цели како критика, коментар, вести, подучување (вклучувајќи повеќе копии за користење во училница), школарина, или истражување, не е прекршок.” Сепак, оваа дефиниција не може прецизно да се примени и за секој случај се одлучува поединечно. Тоа што е јасно е дека едукаторите немаат право на материјалите со авторски права само затоа што работат во непрофитни образовни организации. Фер употребата е легална, ако може да се одреди според четирите основни критериуми. Конгресот ги напишал овие критериуми со генерални, општи термини и флексибилна структура за да можат да се применат во сите потенцијални сценарија. Поединечен критериум не е доволен да ја забрани фер употребата ако другите три критериуми ја дозволуваат. Четирите критериуми се:

  •     “Целта и карактерот на користењето, вклучувајќи користење од комерцијална природа или непрофитни образовни цели.... Непрофитните образовни цели се поподобни од комерцијалните. Репродуцирањето со цел критика или коментар е исто така подобно дури и за комерцијални цели.
  •     “Природата на делото со авторски права .... Делата во кои нема креативно изразување се поподобни од делата со креативно изразување. Публикуваните дела се фаворизирани од судовите во однос на непубликуваните, печатените дела повеќе од аудиовизуелните материјали. Шаблоните и формуларите се исто така заштитени.
  •     “Делот и составот на тој дел во однос на целината од заштитеното дело .... Самиот закон не обезбедува специфични ограничувања или проценти.  Случајот може да се разгледува и од аспект дали од оригиналното дело е земено повеќе од тоа што е потребно. Критериумот има и квалитативна компонента во смисол на тоа дали и мал дел од делото е фер употреба ако тој дел ја содржи суштината на делото.
  •     “Ефектот од користење на заштитеното дело на потенцијален пазар .... Во случаите на прекршување, судот зема во предвид дали е разумно да се очекува потенцијалниот корисник да ја порача копијата или да плати лиценца. Судот исто така зема во предвид дали носителот на правото би имал финансиски последици кога тоа е широко воспоставена практика.

Јавно изведување и прикажување

       Во секцијата 110 од Законот за авторски права се дозволува изведување или прикажување на дело во училница, или слично место на непрофитната образовна институција, со законски добиена копија. Ова е познато како “ослободување за подучување лице-во-лице”. Активностите можат да бидат гласно читање на литература, изведување на драмски дела од членови на класот (не од глумци надвор од класот), изведување на композиции во музички класови, прикажување на видео ленти и друг аудиовизуелен материјал во училницата од тип лице-во-лице. Ослободувањето има рестрикција во случаи кога аудиовизуелните материјали се пренесуваат од локација надвор од зградата во училницата. Оваа рестрикција е проблематична кога се пренесуваат материјали од централизирани колекции преку училишна мрежа. Во тој случај се бара специфична лиценцна согласност од носителите на правото.

     Поголема загриженост за едукаторите на далечина е внесувањето на видеоленти и  аудиовизуелен материјал во курсевите за образование на далечина. Ова ги вклучува и видео и интернет-базираната дистрибуција. Во 2002 година, направена е хармонизација на законот (Technology, Education, and Copyright Harmonization -TEACH) со што ситуацијата е многу олеснета.

Времетраење на авторските права

     Смислени се неколку формули за одредување кога делата преминуваат во јавен домен. Правилата варираат во зависност од датата на креирање, кога делото е публикувано, дали сопственоста е индивидуална или на работодавец или друг легален ентитет, и дали се обновуваат оригиналните авторски права на постаро дело.

         Според анализата изработена од  Lolly Gasaway (2003) од University of North Carolina, сумарно може да се каже дека:

  •        Дело публикувано пред 1923 сега е во јавен домен.
  •     Дело креирано по 1 јануари 1978 е заштитено во текот на животот на авторот плус 70 години, а ако е сопственост на компанија, 95 години по публикувањето. Со други зборови, заштитено дело ќе премине во јавен домен најрано во јануари 2048.
  •        Дело публикувано помеѓу 1964 и 1977 не може да падне во јавен домен пред 2059.
  •       Дело креирано пред 1 јануари 1978, но не е публикувано, е заштитено во текот на животот на авторот плус 70 години, или до 31 декември 2002, се зема подолгото од двете времиња.

       Овие дати се усвоени во 1988 година на предлог на членот на конгресот Sonny Bono.

       Задачата за одредување на актуелното време на авторските права е компонирано од слоеви на заштита кои можат да постојат за дадено дело. На пример, симфониите на Моцарт се долго време во јавен домен, но снимката на симфонијата бр. 41 од 1998 ќе добие заштита долго време откако уредот за изведување ќе застари. 

Симфонија број 41 од Моцарт

      Фотографија од книга или уметничко дело може да подлежи на авторски права на неколку слоеви: од издавачот, од фотографот, сопственикот на оригиналното дело и можеби сопственикот на друго дело како меѓустадиум како на пример дигитализирана слика од фотографијата.

Јавен домен

     Секое дело од јавен домен може слободно да се користи во образовните курсеви на далечина. Делата можат да влезат во јавен домен на неколку начини од кои повеќето се заради истекување на рокот на заштита на авторските права. Друг начин на кој делата влегуваат во јавен домен е кога нивните сопственици ги напуштаат авторските права. Сепак и во овој случај мора да има јасна изјава за напуштање на авторските права што ретко се прави.

      Многу материјали издадени од владата на САД се во јавен домен од денот на нивното креирање. Како и да е, аудиовизуелните дела произведени за федералните агенции, од независни производители, се подложни на заштита. Исто така, ограничувањата од федералната влада не се однесуваат на поединечни држави во САД.

Creative Commons

       Creative Commons е непрофитна организација формирана во 2001 година со цел креаторите на интелектуална сопственост да им дозволат на корисниците да ги користат нивните дела без фер употреба или без дозвола.

    Авторите кои ги лиценцираат своите дела како Creative Commons не ги даваат своите авторски права туку доброволно ги споделуваат правата со корисниците. Концептот за авторски права “Сите права се резервирани” е модифициран во “Некои права се резервирани”.

       Creative Commons нуди 6 формати на лиценци.  Најрестриктивниот формат “Attribution Non-commercial No Derivatives”, дозволува споделување но не дозволува модификации или комерцијална употреба.  Најмалку рестриктивниот формат “Attribution” дозволува неограничена дистрибуција и модификација, дури и за комерцијални цели.  

    Факултетите за образование на далечина можат целосно да користат дела со  Creative Commons лиценци во нивните активности на курсот со тоа што треба јасно да го назначат типот на лиценцата на самото дело.

Упатства

Упатства од конференцијата (CONFU) во 1994 г.

       Со ревизијата на законот за авторски права, конгресот на САД препознал дека на една непрофитна образовна заедница и се потребни упатства (водилки) за да одреди фер употреба. Најпрво биле направени упатства за копирање на музика во училница а подоцна се додадени упатства за снимање на бродкаст програми за едукативни цели.

        Иако со законот се земени во предвид идниот технолошки развој, порастот на достапни дигитални медиуми, сместувачки капацитети и дистрибутивни системи, се појавиле евидентни забуни и фрустрации.

     Во септември 1994, Одделот за Комерција (U.S. Department of Commerce) ги довел на заедничка конференција (CONFU) сопствениците на информации и корисничките групи, во обид да се развијат упатства за фер употреба со нови технологии. Претставници на повеќе од 100 организации работеле во период од 2-5 години и во мај 1997 година биле изготвени неколку предлози. Предлозите не добиле поддршка од образовните заедници и преговорите продолжиле понатаму.

         Во следната табела се дадени седум упатства за фер употреба креирани на конференцијата и прифатени од конгресот.

     Работната група на конференцијата задолжена за учење на далечина не ги пријавила технологиите за учење во својот предлог. Во времето кога работела, групата увидела дека технологијата има многу брз развој а и курсевите преку интернет биле во експериментална фаза. Од тие причини, предложените упатства имале фокус само на видео базираните системи за испорачување. Предлозите биле дочекани со голем отпор од страна на средното и високото образование како и од библиотеките. Според нивното мислење,  критериумите биле многу рестриктивни и недостигало внимание на онлајн курсевите.

Слика 1. Статус на упатствата за фер употреба од интерес на едукаторите на далечина

Нови закони за авторските права

Digital Millennium Copyright Act

      Актот DMCA бил донесен во 1998 година за да ги усогласи САД со договорите со Светската организација за интелектуална сопственост (World Intellectual Property Organization - WIPO) од 1996 година. Во него се релевантни следните три компоненти:

        Заштита од нарушување на одговорност - DMCA специфицира дека ако се пронајде повреда на авторските права на веб сајт одржуван од сервис провајдер, носителот на правото може да бара од провајдерот да го изгасне сајтот или да го блокира пристапот до инкриминираниот материјал како би ја избегнал институционалната одговорност за прекршок. Многу училишта и универзитетски кампуси им обезбедуваат интернет пристап на своите факултети и студенти. Заклучок, тие спаѓаат во категоријата “сервис провајдер”, поточно таа одговорност е оставена на нивните ИТ одделенија.

        Ако провајдерот не превземе мерки, ќе биде одговорен за прекршок заедно со наставникот. За да биде подобен за заштита од одговорност, сервис провајдерот мора формално да не е свесен за активноста на прекршување. Тоа значи дека вработените кај провајдерот кои работеле заедно со наставникот не можеле да го постават инкриминираниот материјал и сервис провајдерот не можел да добие никаква финансиска добивка од прекршокот. Во DMCA се набројани неколку заштитни мерки кои образовните институции треба да ги превземат за да ја ограничат својата одговорност како сервис провајдери:

  •      Секој “агент” мора да биде регистриран во Канцеларијата за авторски права (Copyright Office) за да добива жалби за повреда на правото и да одговори соодветно. На веб сајтот на сервис провајдерот мора да има контакт од агентот.
  •        Тековната политика за авторски права на сервис провајдерот мора да биде поставена на веб сајтот. Политиката мора да содржи изјава дека пристапот ќе се прекине ако повредите на правото се повторуваат.
  •    Сервис провајдерот треба да има програма за обучување на своите корисници за авторските права и барањата за добивање соодветни дозволи, пред да се постави заштитен материјал на институционални веб страни, вклучувајќи курсеви на веб сајтови.

      Образованието и библиотеките потенцирале дека блокирањето на материјали кои се предмет на жалба може да имаат сериозни импликации за фер употребата и академската слобода, и дека блокирањето има штетно влијание врз учењето на студентите. DMCA дозволува на членовите на факултетите да се послужат со контра известување дека жалбата е погрешна, на пример од аспект на фер употреба. Ако сопственикот на правото не превземе некаква легална акција како резултат на контра известувањето, сервис провајдерот го враќа пристапот до материјалите по 2 до 3 недели. Како и да е, контра известувањето може да ги стави членовите на факултетот во ризик од судски постапки, а периодот во кој материјалите се офлајн ќе го загрози планот на лекциите.

      Заобиколување на технолошките заштитни мерки -  DMCA содржи мерки со кои на сопствениците на авторски права им дава контрола за пристап и репродукција на нивните материјали. На пример, актот содржи одредба со која од производителите на видео рекордери се бара да инкорпорираат технологии кои превенираат неавторизирано копирање на видео ленти а дозволуваат снимање на програми од ТВ канали (освен премиум кабелски канали). Што се однесува на веб сајтовите, DMCA не само што забранува продажба и користење на уреди кои што ги заобиколуваат рестриктивните методи за пристап како што е заштита со лозинка, но исто така го прави нелегално информирањето на другите како да ги заобиколат овие мерки дури и поврзувањето на сајтови каде што ја има таа информација.

     Како и да е, исто како во претходното прашање за нарушување на одговорноста, образованието и библиотеките гласно протестирале дека ограничувањата на заобиколувањата од DMCA се закана за фер употребата и академската слобода. Пресудата од Библиотеката на конгресот во 2000 година појаснува дека технолошките заштити можат да бидат заобиколени само во две категории на дела: компилации на листи на веб сајтови блокирани од апликации за филтрирање, и литературни дела, вклучувајќи компјутерски програми и бази на податоци, заштитени со нефункционални механизми за пристап.

          Студија за образование на далечина – Извештајот на Канцеларијата за авторски права со наслов “Дигитално образование на далечина” од 1999 препорачува да се прошири секцијата 110 од законот со ослободувања во наставни ситуации  лице-во-лице во околина на учење на далечина. Друг голем поттик на оваа легислатива бил извештајот на Комисијата за веб базирано учење со наслов “Моќта на интернет за учење: Движење од ветување кон пракса”.

Technology, Education, and Copyright Harmonization (TEACH) Act

     TEACH актот е одобрен во 2002 и тој ја изменил секцијата 110 од законот со тоа што отстранил некои рестрикции но прикачил неколку работи. За да го применат TEACH актот, образовните институции треба да исполнат две критични барања. Првото е дека образовната институција од средно и високо образование треба да е акредитирана и непрофитна. Второто е дека образовната институција мора да има објавено политика за користење на материјали со авторски права од страна на наставникот, и да има програма за обуки на вработените и студентите. Со други зборови, институцијата мора да биде во согласност со DMCA.

     Други барања кои што се однесуваат на користење на материјалите се:

  •      Пристапот до дигитализирани материјали мора да биде ограничен само на студентите запишани на курсот.
  •      Дигитализираните материјали мора да се користат на ист начин во онлајн курсот како што би биле во курсот лице-во-лице во класична училница. Уште повеќе, тие материјали мора да бидат достапни за студентите во ист период во кој би биле достапни во училницата.
  •     Во случај на видео лента, само суштинскиот дел кој наставникот би го прикажал во училница може да биде дигитализиран за онлајн инструкции.
  •       Материјалите мора да бидат законски стекнати.
  •      Студентите мора да бидат известени со релевантни информации за авторските права на материјалите и за тоа дека материјалите се заштитени со закон за авторски права.
  •     Материјалите можат да бидат дигитализирани за онлајн употреба само ако не постојат дигитални верзии од нив.

     Кога овие услови се исполнети, TEACH актот дозволува многу поширок опсег на инструкциски технологии за образование на далечина од тоа што било дозволено во старата секција 110 од законот. Онлајн курсевите сега можат да дозволат перформанси на недрамски и аудиовизуелни дела, вклучувајќи видео. Актот исто така го елиминира барањето да студентите кои ја добиваат инструкцијата бидат лоцирани во училница или место назначено во инструкцијата. Со други зборови, студентите дома или на работно место се исто така подобни за онлајн учење.

Обука на корисникот

      Актот DMCA бара од образовните институции да се ангажираат во програма за едуцирање на своите интернет корисници во врска со авторските права. За таа цел се организираат работилници за авторски права, се обработуваат теми од оваа област на состаноци на факултетот, на веб сајтот, во комуникација со медиумите и др.

      Поголем предизвик е да се организираат обуки за студентите. Честите престрелки помеѓу носителите на право и студентите, а се однесуваат на онлајн споделување на датотеки, најмногу музика и филмови, покажуваат недостаток на знаење кај студентите за законот за авторски права.

Апликации со авторски права во образованието на далечина

Забелешка:

       Во претходниот текст од оваа тема најмногу внимание се обрна на видео базираното или интернет базираното учење на далечина. Во продолжение се дадени неколку видувања за типови на материјали со забелешка дека тие не претставуваат  законски совети.

Печатени материјали

     Упатствата за копирање во училница на непрофитна образовна институција дозволуваат ограничена репродукција и дистрибуција на печетени материјали со авторски права (не повеќе од една копија на студент на курсот) се додека тестовите на краткост, спонтаност и кумулативни ефекти го дозволуваат тоа. Бројните граници се предмет на дискусија и можат да се најдат како упатства за ограничувања од поединечен автор или издадено дело. Тестот на спонтаност бара да инспирацијата за користење на делото и временскиот момент на користење не дозволуваат разумен обид за добивање на дозвола. Овој тест ефективно забранува користење на истите материјали во последователни академски термини без дозвола од носителот на правото. Тестот за кумулативни ефекти го покрива бројот на копирани ставки за поединечен курс.

       Лиценцирањето на печатени материјали во САД се прави во Copyright Clearance Center (CCC) кој располага со преку 1,75 милиони наслови. Во светот постојат околу 40 слични центри кои нудат услуги на факултетите во своите земји. Како референтна информација, Центарот пренел преку 110 милиони долари за авторски права во 2006 година, приход кој вистинските автори би го изгубиле ако немало соодветни мерки кон корисниците на делата за да платат за дозволи. 

    За да направи електронски пакет за курс, Факултететот креира сметка во CCC и ги идентификува публикациите кои сака да ги вклучи во него. Сервис провајдерот ги добива соодветните дозволи, го пакува курсот, поставува цена и испраќа информација до членот на факултетот кој ја проследува до студентите. Плаќањето на надоместоци од страна на студентите треба секогаш да биде последната легална опција. Многу периодични публикации слободно ги нудат своите онлајн содржини и можат да бидат линкувани без дозвола во било кој курс. Многу научни конференции исто така ги постираат делата од авторите учесници на конференциите. Затоа наставниците на далечина треба да ги проверат сите вакви бесплатни ресурси.

Видео

      TEACH актот специфицира упатства за користење на видео во образованието на далечина, но треба да се разјасни што значи тоа “законски стекнати ресурси”. Најочигледен одговор е дека образовната организација ја нарачала или позајмила видео лентата или DVD за цели како поддршка на наставата. Следното прашање е дали тоа се однесува на материјали со ознаки “само за домашна употреба” порачани преку интернет или од соседната видеотека? Веб сајтот на компанијата “Motion” потврдува дека такви видеа можат да бидат користени од непрофитни образовни институции согласно секцијата 110.

    Дали телевизиските програми снимени на наставничкиот домашен видео рекордер се “законски стекнати”? Упатствата во поглед на образовната употреба на телевизијата преговарани во 1979 година, дозволуваат користење на видео ленти во училница само од бродкаст програми, со други зборови, програмите на станиците од локална ТВ добиени по воздух а не кабел.

       Снимената програма може да биде прикажана еднаш и повторена еднаш во секој час само во текот на 10 последователни работни денови од датата на снимање. Лентата може да биде задржана дополнителни 35 дена за повторно гледање од наставникот но не може да биде прикажана на студентите во тој период. Во следните 45 дена, лентата мора да се избрише. Програмите мора да бидат целосно снимени, вклучувајќи го известувањето за авторски права, а непосакуваните делови можат да бидат прескокнати во текот на прикажувањето во училница. Секоја поединечна програма може да биде снимена само еднаш и да не биде повторно снимена освен ако не е повторно емитувана.

Фотографии и дигитални слики

      Репродукцијата на фотографии, илустрации, графички дизајни и други слики во курс на образование на далечина претставува збунувачка дилема за авторските права затоа што интелектуалната сопственост може да биде инволвирана во повеќе нивоа. На пример, наставникот може да посака да дигитализира фотографија од учебник. Книгата и фотографот може да имаат одделни права на копирање, а објектот на фотографијата може исто така да биде заштитен. Уште повеќе, помеѓу оригиналната и фотографијата во книгата може да има фотографии во неколку чекори, секоја со заштита на авторските права. Сличен случај е кога оригиналниот објект е во јавен домен, но книгата и фотографот не се.

      Секцијата 110 дозволува прикажување на законски стекнати фотографии во училница. Со други зборови, најбезбедна алтернатива е дигиталната слика да се порача за образовна употреба од носителот на правото. Упатствата за копирање во училница (Guidelines for Classroom Copying) покажуваат дека една слика од книга или една слика во период е дозволива. Упатствата за фер употреба издадени од Consortium for Educational Technology in University Systems (CETUS, 1995) сугерираат дека “мал број на слики од било кој учебник” може да се смета за фер употреба, особено ако слајдовите не се достапни од издавачот. За сите други ситуации треба внимателно да се земат во предвид четирите критериуми за фер употреба.

      Упатствата за образовно користење на дигитални слики изработени од работната група на конференцијата CONFU не добиле поддршка од образовната заедница која сметала дека тие се многу рестриктивни. Овие упатства ги вклучуваат следните одредби:

  •      Само законски стекнати аналогни слики можат да бидат дигитализирани.
  •      Образовните институции не треба да дигитализираат слики кои се достапни во дигитална форма по фер цена.
  •      Образовните институции можат да прикажуваат и обезбедат пристап до дигитализирани слики преку безбедна електронска мрежа, обезбедувајќи го пристапот со лозинка или ПИН, ограничени само на студентите запишани на курсот.
  •      Дигитализирани слики од познат извор може да се користат во еден академски термин, следното користење бара дозвола.
  •      Ако носителот на правото е непознат, сликата може да се користи 3 години од првото користење, под услов институцијата да спроведе разумни напори да го идентификува носителот и да побара дозвола.
  •      Сликите дигитализирани според овие упатства може да се користат во подучувањето лице-во-лице, независното учење на студентите,  истражување и други школски активности на институцијата. 
  •      Сликите не можат да се користат во публикации без дозвола.

Мултимедија

      Прикажувањето на мултимедијална програма во училница е јасно дозволено во секцијата 110, а со TEACH актот е продолжено на виртуелна учулница. Како и да е, вметнувањето на материјали со авторски права при развојот на мултимедијалното дело претставува комплексно множество од проблеми. Некои од нив се опфатени во Упатствата за фер употреба за мултимедиа во образование од 1996 година како дел од процесот CONFU. Слично на другите упатства, тие наишле на енергично спротивставување од страна на високото образование и библиотеките како многу рестриктивни.

       Накратко, упатствата дозволуваат користење на заштитени материјали од страна на студентите и факултетите за продукција на мултимедија за настава лице-во-лице, независно учење, презентација на конференции со врсници и задржување во професионални портфолија, со следните ограничувања:

  •       Дозволата од носителот на авторски права  мора да се добие во текот на 2 години од првото користење.
  •       Може да се користи не повеќе од 10% или 3 минути (помалото од нив) од заштитено медиумско дело.
  •       Може да се користи не повеќе од 10% или 1.000 зборови (помалото од нив) од текстуален материјал.
  •       Може да се користи не повеќе од 10% или 30 секунди  (помалото од нив) од музика или стихови од музичко дело. 
  •       Може да се вметнат не повеќе од 5 фотографии или илустрации од поединечен уметник или фотограф.

Електронска пошта и други интернет ресурси

      Материјалите поставени на интернет како што се електронски пораки, листи за испраќање, веб-страници, блогови, викија и други дигитални ресурси, претставуваат интелектуална сопственост фиксирана на опиплив медиум за изразување и имаат право на заштита на авторски права.

      Многу курсеви за образование на далечина вклучуваат е-пошта и онлајн форуми. Авторот на e-mail пораката, без разлика дали е испратена до поединец или група, ја задржува интелектуалната сопственост на содржината на пораката. Во рамките на концептот "имплицирана лиценца", примателот може да ја зачува пораката, да ја испечати и да ја препрати на ограничен број лица заинтересирани за истата тема без дозвола на основачот, но пораката "личност - личност" никогаш не треба да биде објавена на мејлинг листа или група без дозвола. Препраќањето порака од една листа до друга без дозвола, исто така може ги надмине границите на имплицирана лиценца, особено ако испратената порака достигне суштински различна публика или е испратена преку различен систем на дистрибуција.

     Курсевите преку интернет даваат многу можности за злоупотреба на авторските права. Програмерите на веб страници мора да бидат внимателни дали сите компоненти на страницата се оригинални или ги имаат потребните појаснувања.

      Присуството на копчињата Print и Save во алатниците на прелистувачот може да имплицира дека документите на интернет се фер игра. Напротив, освен ако не се посебно посветени во јавниот домен или постојат привилегии за преземање, веб документите имаат целосна заштита на авторските права. Прирачникот за фер употреба на CETUS од 1995 сугерира дека копирањето на краток Интернет документ за лични студии или истражувања најверојатно спаѓа во фер употреба, но препорачува да се применува анализа на фер употреба со четирите фактори. Зачувување или печатење од сајтови со ограничен пристап или сајтови кои содржат комерцијални документи може да биде потешко да се оправда како фер употреба.

     Дали е потребно да се добие дозвола за поврзување на друга веб страна? Повеќето авторитети сметаат дека слободното поврзување на други веб сајтови не само што е легално, туку треба да се поттикнува. Дури и ако дозволата не е легално побарана,  вебмастерот ќе биде известен дека е воспоставен линк и има можност да побара линкот да биде отстранет. Ситуацијата стануваат нејасна кога линковите се воспоставуваат до поединечни рамки на веб страните. Некои судски случаи поставија преседанот според кој поврзувањето со рамки без дозвола не е легално.

Дозвола за користење

Добивање дозвола

      Првиот контакт со носителот на правата треба да се направи по телефон за да се потврди дека барањето е до него. Телефонскиот повик исто така дава можност да се разговара за околностите на барањето и да се преговара за надоместоци. Носителот на правата најверојатно ќе побара писмена копија од барањето, во кое ќе му бидат потребни следните информации:

  •     Име, позиција, институција, поштенска адреса, број на телефон и факс за лицето кое го поднесува барањето.
  •     Идентификација на материјалот што ќе се користи, вклучувајќи наслов, автор или продуцент, наслов на публикацијата и датумот во случај на периодични изданија и делот од материјалот што се бара.
  •     Целосен опис на планираната употреба, вклучувајќи намена, име на курсот, број на копии, средства за дистрибуција, планирани датуми на користење, опис на корисниците и мерки на претпразливост за спречување на понатамошни репродукции (ако е применливо).
  •     Датум за кој се бара дозвола (дозвола за најмалку 6 недели).

      На следната слика е прикажан пример за писмо за барање на дозвола. Иако одобрение може да се добие преку телефон, се препорачува писмена дозвола, по можност на меморандум на сопственикот на авторски права. Тоа обезбедува материјален доказ кој потврдува кој обезбедил дозвола, за што, и кога.

Интелектуална сопственост

Право на интелектуална сопственост

       Правото на интелектуална сопственост  е моментално една од најактуелните теми во образованието на далечина, особено меѓу синдикатите на факултетите. Кој поседува онлајн курс? Училиштето/универзитетот или членот на факултетот кој ја обезбедува содржината? Дали сопственоста треба да се дели помеѓу двата субјекти, и ако е така, под кои услови? Дали е можно да се "поседува" цел онлајн курс, со оглед на различните нивоа на интелектуална сопственост влезени во текот на неговиот развој и испорака? Правата на интелектуална сопственост поврзани со мултимедија и материјали за онлајн курс остануваат проблем во високото и средното образование.  

Прашања

Прашање број 1:

  • Доколку нема известување за авторски права, делото е во јавен домен.

Прашање број 2:

  • Содржината на порака од електронска пошта има авторски права.

Прашање број 3:

  • Сè на Интернет е јавен домен.

Прашање број 4:

  • Факултетите за образование на далечина можат целосно да користат дела со Creative Commons лиценци под услов да го означат типот на лиценцата.

Прашање број 5:

  • Информирањето на другите како да ги заобиколат рестриктивните методи за пристап како што е заштита со лозинка е нелегално.

Прашање број 6: Кои од следните тврдења се митови?

  • Наставниците од УСА можат слободно да користат видео ленти или публикации од други земји во своите образовни курсеви на далечина.
  • Делото мора да биде објавено и регистрирано во Канцеларијата за авторски права на УСА за да добие заштита на своите авторски права.
  • Доктрината “фер употреба” значи дека треба да бидат исполнети четири критериуми за да може материјалите со авторски права да се користат во образование без дозвола.
  • Заштитата на авторски права постои во оригиналните авторски дела фиксирани на материјален медиум на изразување.

Прашање број 7: Известувањето дека делото има заштита на авторски права се означува со симболот:

  • ©
  • С
  • ®

Прашање број 8: Кои ексклузивните права ги има носителот на авторски права.

  • Дозволено е само извршување на заштитеното дело
  • Дозволено е само јавно прикажување на заштитеното дело
  • Дозволено е само репродуцирање на заштитеното дело
  • Сите горенаведени

Прашање број 9: Колку основни критериуми постојат за "фер употреба" на заштитени дела?

 

Прашање број 10:

Дело креирано по 1978 година, е заштитено во текот на животот на авторот плус 

Прашање број 11: Пронајди ги точните тврдења.

Погледни во делот за времетраење на авторските права.

  • Дело креирано пред 1978 година, но не е публикувано, сега е во јавен домен.
  • Дело публикувано пред 1978 година, е заштитено само во текот на животот на авторот.
  • Дело креирано по 1978 година, е заштитено во текот на животот на авторот плус 70 години.
  • Дело публикувано по 1978 година, најрано може да премине во јавен домен по 2048 година.

Прашање број 12: Кој може да има авторски права на фотографија во книга?

  • Издавачот на книгата
  • Фотографот
  • Сопственикот на оригиналното дело кое е на фотографијата
  • Сите наведени
  • Сопственици на фотографии кои се добиени помеѓу оригиналната фотографија и фотографијата на која се разгледуваат правата.

Прашање број 13: Кои се разликите помеѓу најмногу рестриктивната и најмалку рестриктивната Creative Commons лиценца?

Поврзи ги соодветните одговори:

  • Најмалку рестриктивниот формат
    дозволува неограничена дистрибуција и модификација.
  • Најмногу рестриктивниот формат
    дозволува споделување но не дозволува модификации.

Прашање број 14: Пронајди ја ставката која НЕ претставува ревизија на законот за авторски права на САД.

  • Sonny Bono Copyright Term Extension Act
  • World Intellectual Property Organization
  • Digital Millennium Copyright Act
  • Technology, Education, and Copyright Harmonization

Прашање број 15: Од кој закон се дел следните компоненти:

  • Ако се пронајде повреда на авторски права на веб сајт, носителот на правото може да бара од сервис провајдерот да го блокира пристапот до инкриминираниот материјал.
  • Ако се пронајде повреда на авторски права на веб сајт, носителот на правото може да бара од сервис провајдерот да го изгасне сајтот.
  • На жалба од носителот на авторски права, член на факултет сопственик на веб сајтот може да се послужи со контра известување дека жалбата е погрешна од аспект на фер употреба.  

Прашање број 16: Кои од следните тврдења се точни согласно TEACH актот?

  • Ако постојат дигитални верзии на материјалите со авторски права, наставникот може да одбере дали ќе ги користи постоечките дигитални верзии или ќе прави свои.
  • Студентите кои следат настава на далечина мора да бидат лоцирани во претходно одредена училница.
  • Наставникот одредува кои корисници ќе имаат пристап до дигитализирани материјали во онлајн курс.
  • Дигитализираните материјали мора да се користат на ист начин во онлајн курс како што би биле во курс лице-во-лице во класична училница.
  • Студентите мора да бидат известени со релевантни информации за авторските права на материјалите и за тоа дека материјалите се заштитени со закон за авторски права.
  • Дигитализираните материјали се достапни за студентите во неограничен период.

Прашање број 17: “Инспирацијата за користење на дело со авторски права и временскиот момент на користење не дозволуваат разумен обид за добивање на дозвола” опишува

  • Тест за краткост на делото заштитено со авторски права.
  • Тест за спонтаност на делото заштитено со авторски права.
  • Тест за ефективност на делото заштитено со авторски права.
  • Тест за кумулативни ефекти на делото заштитено со авторски права.